АРХИТЕКТУРА И ДЕКОРАТИВНА ПЛАСТИКА

Колекцијата содржи фрагменти од средновековната камена архитектонска декорација, што хронолошки му припаѓаат на времето од XII до XV век. Станува збор за остатоци од скулптирани олтарни прегради, портали, капители и крстилници што се украсени со растителни, зооморфни и геометриски мотиви, а некои поседуваат и значајни епиграфски натписи.

Најбројна групација во збирката претставуваат фрагментите од црквата „Св. Архангели“ од Призрен од 1348/52 год., поголем фрагмент од портал од непозната црква од средновековно Скопје, мермерните крстилници од Марков Манастир 1393 год. и „Св. Прохор Пчински“ 1483 год., надгробната плоча на Марија Палеологова, 1355 год., делумно сочуван мермерен иконостас од црквата „Св. Атанасиј“ од Лешок итн.

SИДНО СЛИКАРСТВО

Колекцијата на фрески опфаќа фрагменти од крајот на X до XVII век, со претстави на светци, епископи, библски сцени и композиции од значајни цркви: Водоча, Мородвис, Велјуса, Прилеп, Бистрица, Матејче, Чичево и Полошкиот манастир. Најрепрезентативни се фрагментите од „Св. Леонтиј“ во Водоча (XI век), „Св. Богородица Елеуса“ во Велјуса (XI–XII век) и циклусот на Св. Ѓорѓи во Полошкиот манастир (1609).

Збирката на копии содржи над 200 примероци создадени за документирање и зачувување на средновековното ѕидно сликарство (IX–XVIII век). Копиите верно ги прикажуваат библиски сцени, светци и литургиски композиции, меѓу кои најистакнати се Св. Петнаесет тивериополски маченици (IX–X век), „Оплакувањето“ од Нерези (1154), „Вознесението“ од Курбиново (1191) и „Причест на апостолите“ од 1295.

ИКОНОПИС

Меѓу најзначајните дела се иконите на Св. Богородица Одигитрија (XIV век), Христос Спасител (1394), Богородица Пелагонитиса (1422), како и крстовите од Слепчанскиот и Полошкиот манастир од XVI век. Во збирката има и дела од манастирите Зрзе, Слепче, Лесново и Кучевиште, како и икони од Охрид, Прилеп, Струга и други области. Колекцијата на икони во Музејот на Македонија е најбројна во државата и брои над 400 дела, од XIV до XX век. Таа претставува јадро на поствизантиската и доцносредновековната традиција, давајќи јасна претстава за развојот на иконописот, фрескосликарството и резбата во дрво. Особено се издвојуваат делата на познатите зографи: Јован од Грамоста, Онуфриј од Аргос, Давид од Селеница, браќата Константин и Атанас од Корча, Крсте Поп Трајановиќ, Антониј од Битола и Дичо Зограф од Тресонче, чијашто икона „Седмочисленици“ (1862) е еден од врвовите на колекцијата. Во XIX и XX век делува Димитрија Андонов Папрадишки – последен претставник на фрескосликарството и пионер на профаната уметност. Колекцијата содржи и графички отпечатоци од Атос, дрвени калапи и антимиси од XVIII–XX век.

КОПАНИЧАРСТВО

Колекцијата има повеќе од педесет предмети. Иако е скромна по број, таа е дел од највредната црковна резба на врвни мајстори, кои работеле во Македонија во периодот од XV-XIX век. Стилскиот развој на резбата во дрво, во плитки и длабоки резби, до најсовршените дела направени во ажурна техника, може да се следи низ различните облици на делови од иконостасот (олтарни врати, крстови), влезните врати, певниците и друг вид црковен мебел. Особено интересни се вратите на црквата „Св. Јован Претеча“ на манастирот во Слепче, во близина на Демир Хисар, од XVI век. Тие биле изработени во плитка резба од дрво, богато украсени со геометриски мотиви направени со преплетување и иконографски претстави на последните псалми на Давид и химните на Пресвета Богородица. Во колекцијата се наоѓаат три големи иконостасни крстови од XVI век, од кои два се датирани. Тие потекнуваат од манастирот во Слепче, во близина на Демир Хисар (средината на XVI век), од Полошкиот манастир (1584) и Марковиот манастир (1591/2) во близина на Скопје.

ПРИМЕНЕТА УМЕТНОСТ

Збирката Применета уметност содржи литургиски и декоративни предмети од метал, дрво и текстил. Најзначајни се: целосно зачуваниот метален полиелеј од црквата во Псача, во близина на Крива Паланка, датиран од XIV век; фрагменти од полиелеи и кадилници од истиот период од Марков манастир во Скопје. Постојат бројни сребрени плочи за икони и кадилници, главно од доцниот среден век, како што е кадилницата од XVI век од манастирот „Св. Прохор Пчински“. Интересен пример за уметничка обработка на текстилот се две свештенички одежди од втората половина на XVIII век од Бигорскиот манастир.

ИСЛАМСКА УМЕТНОСТ

Збирката  Исламска уметност содржи 17 арапски ракописи. Во 2012 година направен е превод со основни податоци на овие ракописи. Тие се пишувани на арапски и старотурски јазик.  Од преводот може да се види наслов, содржина на ракописот, автор, година, препишувач, место итн. Датирањето на ракописите е од 1650 до 1922 год. Некои од нив имаат илуминација и позлата.

Најстариот ракопис во оваа колеција потекнува од 1650 година, со наслов „Sherh-u nahv-i arabi“ и содржи објаснувања за арапската граматика. Повеќе години се врши континуирана конзервација и реставрација на овие  ракописи, од кои 10 се завршени и се во одлична состојба.

СОВРЕМЕНА ЛИКОВНА УМЕТНОСТ

Во рамките на Одделот за историја на уметноста се наоѓа уметничката колекција на сликарката Кераца Висулчева (1910-2003), која како наследство ѝ ја остави на Република Македонија. Колекцијата се состои од повеќе од 400 дела во масло, пастел, акварел, јаглен, молив и глина, направени во почетокот на 40-те години на XX век до последните години од нејзиниот живот. Темите се широки и опфаќаат портрети, пејзажи, ведути, бањи, актови итн., додека стилот е обележан со влијанија од академскиот реализам во Минхен, францускиот импресионизам и експресионизмот, во постојано настојување да стигнат до современиот европски модернистички концепт. Во 2005 година, по желбите на Висулчева, се појави меморијална колекција од нејзините дела во Ресен, кои се објекти поврзани со нејзиниот живот и награди на многу европски натпревари; на овој начин сликарот постхумно го прими заслуженото високо место во македонската историја на уметност.