
Кратка хронологија
Изградбата на комплексот на Музеи на Македонија произлегла од идејата за обединување на Историскиот (1952), Етнолошкиот (1949) и Археолошкиот музеј (1949) во единствена национална установа што ќе ја претставува македонската култура. Идејата била вклучена во Програмата за културни објекти 1963–1970, по земјотресот во 1963 г., со цел да се подобрат условите на музејските установи. Новата зграда, предвидена на 10.000 м², требало да ги опфати и Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата.
Градбата започнала на 12.11.1971 г., а свечено е предадена на 13.11.1976 г. Отворена е со привремени тематски поставки, а за постојаните биле потребни уште четири години работа.
Одговор на урбаниот контекст
Музејот на Македонија е сместен во комплексниот контекст на Старата скопска чаршија, во најнепосредна близина на Куршумли ан и Ѓурчилер (Шенѓул) амам кој е делумно срушен во земјотресот. Локацијата на Музејот од запад е ограничена со улицата „Прохор Пчињски“, од југ и југозапад со улиците „Опинчарска“ и „Свеќарска“, додека кон исток и север се отвара со широко плато кон Куршумли ан. Објектот е слободностоечки, поставен асиметрично во однос на локацијата и повлечен кон сртот на ридот (северната падина на Калето). Овој простор е комплетно ослободен од сообраќај, а единствениот колски пристап е до паркингот од ул. „Прохор Пчињски“. Влезовите во објектот се ориентирани кон централното плато.

Просторно-волуменска структура
Изградбата на музејскиот комплекс поставила сложена архитектонско-урбанистичка задача – вметнување голем волумен меѓу ситната структура на Чаршијата и монументалните градби. Решението е раздвижена конфигурација поделена на повеќе повторливи волумени, со ниска хоризонтална диспозиција која ја прикрива вистинската големина. Приземјето содржи функционално различни делови, а катот е составен од бели призми (15х15 м) поставени дијагонално и скалесто. Конзолните триаголни испусти и расчленетиот приземен простор создаваат динамика, а кровната партија се вклопува во ритамот на чаршиските кровови и куполи. Во северниот дел е сместен Републичкиот завод за заштита.




