Историјат

Кратка хронологија

Изградбата на комплексот на Музеи на Македонија произлегла од идејата за обединување на Историскиот (1952), Етнолошкиот (1949) и Археолошкиот музеј (1949) во единствена национална установа што ќе ја претставува македонската култура. Идејата била вклучена во Програмата за културни објекти 1963–1970, по земјотресот во 1963 г., со цел да се подобрат условите на музејските установи. Новата зграда, предвидена на 10.000 м², требало да ги опфати и Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата.

Градбата започнала на 12.11.1971 г., а свечено е предадена на 13.11.1976 г. Отворена е со привремени тематски поставки, а за постојаните биле потребни уште четири години работа.

Одговор на урбаниот контекст

Музејот на Македонија е сместен во комплексниот контекст на Старата скопска чаршија, во најнепосредна близина на Куршумли ан и Ѓурчилер (Шенѓул) амам кој е делумно срушен во земјотресот. Локацијата на Музејот од запад е ограничена со улицата „Прохор Пчињски“, од југ и југозапад со улиците „Опинчарска“ и „Свеќарска“, додека кон исток и север се отвара со широко плато кон Куршумли ан. Објектот е слободностоечки, поставен асиметрично во однос на локацијата и повлечен кон сртот на ридот (северната падина на Калето). Овој простор е комплетно ослободен од сообраќај, а единствениот колски пристап е до паркингот од ул. „Прохор Пчињски“. Влезовите во објектот се ориентирани кон централното плато.

Просторно-волуменска структура

Изградбата на музејскиот комплекс поставила сложена архитектонско-урбанистичка задача – вметнување голем волумен меѓу ситната структура на Чаршијата и монументалните градби. Решението е раздвижена конфигурација поделена на повеќе повторливи волумени, со ниска хоризонтална диспозиција која ја прикрива вистинската големина. Приземјето содржи функционално различни делови, а катот е составен од бели призми (15х15 м) поставени дијагонално и скалесто. Конзолните триаголни испусти и расчленетиот приземен простор создаваат динамика, а кровната партија се вклопува во ритамот на чаршиските кровови и куполи. Во северниот дел е сместен Републичкиот завод за заштита.

Програмска дистрибуција

Основната цел на музејот е прибирање, чување, истражување и презентација на историски, етнолошки и археолошки материјали. Програмата се протега на 14.500 м², од кои над 6.500 м² се изложбени простори со континуиран концепт што ја прикажува македонската историја од праисторија до современост преку тематски збирки. Покрај нив, музејот располага со сала за проекции, лаборатории, работилници, библиотека и управен дел заеднички за трите музеи. Депоата, гаражите и лабораториите се во подрумот (околу 5.000 м²). На источната и северната страна има уредено плато што го поврзува со Куршумли ан и може да служи како археолошки парк и простор за културни настани.

Структура, материјалност, обликување

Конструктивно, објектот е решен со јасен армиранобетонски скелетен систем, на одредени позиции дополнет со логично поставени армиранобетонски платна. Кај целата композиција доминираат строгите геометриски облици. Третманот и обликувањето на масите, од материјален аспект се разликува на долното и горното ниво.

Во долната зона, полните делови на објектот главно се работени во натур бетон со вертикални жлебови и стилизиран орнамент кој излегува од површината. На одредени позиции како завршна обработка се појавува и фасадна тула; засечените и вовлечените делови од призмите се целосно застаклени.

Во горната зона доминира ритамот на бели, дијагонално и скалесто поставени призми, обложени со бела камена буња кои завршуваат со двоводни кровови (дијагонално на квадратните полиња). Рустичната површина на фасадното платно не е континуирана, туку поделена на осум вертикални полиња со тесен простор помеѓу нив. Во аглите на призмите, на допирот на двете фасадни површини се оставени тесни ленти стакло. Тие во внатрешниот простор пропуштаат светлина, но многу поважно врамуваат кадри од контекстот кои ги внесуваат во музејскиот простор – улица, калдрма, кровови, куполи.