Етнологија

Собирањето на етнографски предмети во Македонија е започнато уште во 1920 година, кога беа собрани неколку збирки на Филозофскиот факултет во Скопје, кои служеа како наставни алатки за учениците. Во 1925 година е формиран комплексен музеј, вклучувајќи го и етнографскиот оддел. Во текот на Втората светска војна овој оддел продолжи со своите активности во тогашниот Национален музеј на Македонија, заедно со археолошкото одделение. Во 1949 година, етнолошкото одделение стана посебна институција – Етнолошки музеј на Македонија. Од 1977 година, Етнолошкиот музеј продолжува да работи во рамките на Музеите на Македонија – археолошки, етнолошки и историски.

Од своето основање, мисијата на Етнолошкиот музеј е прибирање, проучување зачувување и промовирање на етнолошкото културно наследство на нашата земја, а преку негово изложување, објавување и организирање на едукативни активности да биде достапно за јавноста.

Музејот денес располага со околу 19.000 етнолошки предмети, кои хронолошки датираат од периодот од 10. до 20. век.

Збирки во одделението за етнологија:
  • НАРОДНИ НОСИИ
  • НАРОДНИ ТКАЕНИЦИ
  • МЕТАЛНИ ПОКУЌНИНСКИ ПРЕДМЕТИ, МЕТАЛОПРЕРАБОТУВАЧКИ ЗАНАЕТИ И АЛАТИ
  • НАРОДЕН НАКИТ И ЗАНАЕТИ
  • ДРВЕНИ ПОКУЌНИНСКИ ПРЕДМЕТИ, ДРВОДЕЛСКИ ЗАНАЕТИ И АЛАТИ
  • НАРОДНО СТОПАНСТВО
  • ГРНЧАРСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА
  • НАРОДНИ МУЗИЧКИ ИНСТРУМЕНТИ И НАРОДНИ ОБИЧАИ
  • НАРОДНА АРХИТЕКТУРА
  • ТРАДИЦИОНАЛНА КУЛТУРА НА ЕТНИЧКИТЕ ЗАЕДНИЦИ

Збирка народни носии

Збирката народни носии е најмногубројната и најразновидната текстилна музејска збирка во НУ Музеј на Македонија. Ја сочинуваат 8623 поединечни текстилни предмети, со постојано збогатување и надополнување. Се состои од поединечни делови од носии и везови од цела Македонија. Во најголем број ја сочинуваат облеки од македонското население, но голем е бројот на облеки и од другите етникуми, Албанци, Турци, Власи, Роми. Во постојаната етнолошка поставка се изложени 87 комплетни народни носии и покарактеристични поединечни. Предметите, воглавно, се од крајот на 19. и почетокот на 20. век.

Народните носии на Македонија се најкарактеристичниот белег на културата на живеење на овие простори. Тие се врв во текстилното творештво, со многубројни сочувани напластени траги од минатото: старобалкански, старословенски, византиски, турско ориентални и западноевропски. До средината на 20. век биле присутни повеќе од 70 различни народни носии. Воглавно ги изработувалe жените, а само понекои облеки се изработувале кај одредени селски занаетчии полупрофесионалци (абаџии, терзии). Мажите учествувале во правењето опинци од нештавена свинска или говедска кожа за целата фамилија. Производите што служеле за дополнување на облеката, како накит, позамантерија, увозни ткаенини, оружје и др., се купувале од градот.

Во градовите, во најголем дел, населението носело иста облека како во селските средини. Процесот на трансформација на носијата одел мошне бавно. Најпрво започнале да се прифаќаат понекои облеки од турско ориенталниот стил на облекување ала турка. После Првата светска војна промените се интезивираат, а во македонските  градови сѐ повеќе доминира европскиот стил на облекување ала франга. Прифаќањето на промените не одело насекаде истовремено, туку се одвивало доста бавно и со различен интезитет, така што дури кон крајот на 50- 60-70-тите години на 20. век ќе се воспостави еднолична слика во облекувањето на релацијата село-град.

Народни ткаенини

Покуќнинските, домашно изработени ткаеници се важен дел од традиционалната куќна опрема во Македонија. Освен практична намена, некои се користеле во обреди и како украс. Збирката содржи ткаеници од сите краишта на Македонија, од средината на XIX до втората половина на XX век. Најрепрезентативни се килимите за градските одаи и селските килимчиња за коњ, како и архаични покривачи за спиење. Голем дел се селски перници, торби, пелени и крпи за секојдневна употреба, додека во градските куќи се користеле чаршафи, јоргани, прекривки, пердиња и везени крпи. Ткаениците се изработени од домашна преѓа (волна, козина, лен, коноп, памук, свила), најчесто на хоризонтален разбој, со еднобојни или риги за секојдневна употреба и богато украсени геометриски, растителни, животински и човечки мотиви за обредни и украсни цели.

Метални покуќнински предмети, металопреработувачки занаети и алати

Од бројните занаети кои ги сочинувале чаршиите низ нашите градови, казанџискиот бил еден од покарактеристичните, и временски и просторно, еден од најзастапените  металопреработувачки занаети. Во секој град имало по два или три дуќани, а во поголемите занаетчиски центри и цели улици во кои биле лоцирани овие занаетчиски дуќани. Прилеп, Битола, Струмица, Штип и Скопје биле најзначајите казанџиски центри. Занаетот спаѓа во еден од постарите занаети што на овие простори се развиле со доаѓањето на Османлиите. За тоа сведочи и пописниот документ од 1454 година, а кој се однесува на Скопје, што воедно е и најстариот пишан документ во балканските земји во кој се споменува казанџискиот занает. Во највисокиот свој подем казанџиите изработувале и по  70 предмети и садови од бакар со различна намена. Тоа биле предмети за домашна употреба (ѓумови, ибрици, котлиња, саани, тепсии, синии, сефер-таси), за лична хигиена (легени, амам-таси, амам-казани), за религиозна намена (кршталници, кандила, свеќници), за трговско-занаетчиска и друга намена (казани за ракија, казани за билки, таси за кантари, кутии). Техниката со која се изработувале предметите била главно со чукање и исчукување, за што биле користени бројни чекани со различна големина. За украсување главно се користела техника на гравирање, релјефно исчукување и режење.

За тоа колкаво било значењето на занаетот, односно на употребата на бакарните предмети во минатото, укажува и фактот што, според бројот и квалитетот на бакарните садови, можела да се определи и статусната состојба на една покуќнина. Бакарните садови биле симбол на трајност и на благосостојба, затоа се давале во мираз и биле меѓу ретките движни предмети што се предавале во наследство. 

Во постојаната етнолошка поставка казанџискиот занает е претставен со работилница на отворен дел и со репрезентативни примероци на бакарни садови поставени во витрина.

Народен накит и занаети

Кувенџиството е еден од постарите металопреработувачки занаети, особено ценето поради уметничките вредности на своите производи, за кои е потребен долготраен и сложен процес со многу прецизна изработка. Најмасовен производ на овој занает е разновидниот женски накит, кој бил составен дел на селската и градската носија во Македонија. Кувенџиите изработувале и машки употребни и украсни предмети како ќустеци, табакери и цигарлаци, оружје и оружарска опрема, амајлии и други предмети за домашна и лична употреба, како и црковен ентериер. Најмногу се користело среброто, позлатеното сребро, златото, бронзата и месингот. Кувенџиите во Македонија користеле најразлични техники во изработката на предметите. Основни биле техниките на ковење, леење, пресување и филигран.

Филигранот во сребро и злато, поради скапоценоста на материјалот и сложената изработка, најчесто е застапен во градскиот накит. За доработка на предметите се користеле и други техники, како, на пример:  ниело, тауширање, цизелирање, полирање, гравирање, инкрустрација и др.

Техниките на обработка и украсување, како и орнаментиката, укажуваат на бројните влијанија од исток и од запад, кои преплетувајќи се меѓусебно создаваат јасно препознатливи локални белези, со типични производи на познатите кувенџиски центри во Скопје, Битола, Прилеп, Охрид и Крушево.

Дрвени покуќнински предмети, дрводелски занаети и алати

Музејската збирка ,,Дрвени покуќнински предмети, дрводелски алатки и занаети“ е интегрален дел од фондот музејски збирки и предмети на НУ Музеј на Македонија. Предметите, според функцијата, може да се класифицираат во неколку групи и тоа: предмети за приготвување, чување, консумирање и носење на храна и пијалаци; предмети за обработка на дрво; предмети за обработка на волна, лен, коноп, памук, свила  и  изработка на текстилни производи и селски и луксузен градски мебел каде најзначајно место заземаат ковчезите за чување на облека. Поголем дел се чуваат во одделното музејско депо на збирката, а помал дел (најрепрезентативните предмети) се сместени во Постојаната етнолошка музејска поставка – дел од изложбениот музејски простор. Можат да се видат во два внатрешни амбиента: едноделна селска куќа со отворено огниште каде се презентирани покуќнински предмети и момент од домашен живот, амбиент на соба од селска куќа со покуќнински предмети и амбиент на градска куќа – свечено уредена гостинска соба од 19. век со резбани надвратници, закосен таван и долап. Во истиот контекст е презентиран и комплет на луксузен градски мебел (маса и столици од масивно оревово дрво – уметничка изработка, по потекло од градот Охрид, датирана од втората половина на 19. век). Во продолжение е претставен целокупниот технолошки процес на домашна изработка на текстилни производи, почнувајќи со предмети за обработка на текстилни суровини, алати за изработка на текстилни материјали (од волна, лен, коноп, памук и свила), па сѐ до алати за изработка на финален текстилен производ, со што е заокружен основниот содржинско – тематски концепт  на збирката.

Народно стопанство

Земјоделството во Македонија претставува најзначајна традиционална стопанска дејност, која опфаќа производство на растителни и животински производи. Во минатото, земјоделството било примитивно и екстензивно, со традиционални знаења, обреди и магиски постапки, а земјоделската опрема се состоела од дрвени алатки и прибор, со додаток на метални делови изработени од ковачи. Денес се користи современа опрема, но дел од традиционалните алатки и прибор се зачувани и изложени во етнолошките поставки.

Земјоделството се дели на четири гранки: полјоделство, лозарство, овоштарство и сточарство.

Сточарство – Одгледување домашни животни со користење на специјализирани градби за добитокот, како бачила, колиби, појта, трло, кочини и поила, како и инвентар за преработка на млеко и производство на млечни производи.

Полјоделство – Одгледување житни култури како пченица, ‘рж, јачмен, овес, просо и пченка, како и градинарски, индустриски и крмни растенија. Житото се сее есен и пролет, се жнее и се врши со традиционални методи како веење и вршење со животинска сила. Сламата и сеното од житото се користат како храна за добитокот, а индустриските култури вклучуваат тутун, афион, сончоглед, шеќерна репа, сусам и кикиритки. Градинарството опфаќа одгледување зеленчук на отворено и во заштитени површини.

Лозарство – Одгледување лозови насади за производство на трпезно и винско грозје, со преработка во вино, ракија и оцет, при што се користат специјални алатки за садење, кроење и берење на лозата.

Овоштарство – Одгледување континентални и медитерански овошки, со собирање, складирање и чување на плодот во посебни садови и кошници.

Грнчарство во Македонија

Грнчарството до средината на 20. век заземало значајно место во секојдневниот живот на населението во Македонија и на Балканот. Изработката на грнчарските производи сведочи за нивната неопходност низ историјата, а во одредени рурални предели се одржала и техниката на рачна изработка без грчарско коло, особено за женската керамика (црепна, вршник, попци, питуличарка).

Македонија, како крстосница помеѓу истокот и западот, примила различни влијанија од неолитот, класичните култури, старобалканските и старословенските елементи, византијската и ориенталната традиција. Градови како Скопје и Прилеп биле континуирани центри на грнчарство, а Прилеп особено познат по стомните за вода.

Во римскиот и византискиот период се забележуваат влијанија врз формите и техниките на садовите, а словенските доселеници усвојуваат елементи од римската и византиската керамика. Во средновековниот период грнчарството е документирано преку хрисовули, фрески и пописи на занетчиите, а за време на Османлиите продолжува претежно во рацете на христијанското население, со влијание од чанаккалската керамика.

Локалните варијации на грнчарството создаваат разновидност на форми и техники: дебарските садови се масивни и монументални, велешките и скопските познати по изработки слични на чанаккалските и со украсни форми. Најзначајни центри на грнчарството биле: Скопје (с. Драчево), Велес, Ресен, Струга, Дебар, Прилеп (с. Вранешница), Струмица, Берово и други места со квалитетна глина.

Во Македонија, според последните сознанија, денес творат околу триесетина грнчари. Во село Злетово – општина Пробиштип има два, Куманово два, во Велес еден, Неготино два, Кавадарци еден и Струмица еден грнчар, Ресен еден, додека во цела Западна Македонија единствено во селото Вранештица работат околу 12 грнчари, кои живеат исклучиво од занаетот. Затоа селото Вранештица ја претставува последната оаза на грнчарството во Македонија.

Народни музички инструменти и народни обичаи

За обредите

Обредите се значаен дел од традиционаланата култура на Македонците. Тие се изведуваат во текот на целата година. Оние кои се поврзани со календарот  поделени се во две главни групи, зимски и летни, а оние кои се поврзани со животниот циклус на човекот се делат на обреди при раѓање, свадба и смрт.

Учеството во обредот е напор на заедницата со заеднички активности да ги осигура позитивните дејства на светите сили, односно да обезбеди благосостојба. Но, обредот, исто така, претставува силна манифестација на припадност на заедницата кон една заедничка територија и манифестација на групното единство. Во последно време токму оваа функција на обредите, односно општествената функција, е сѐ позначајна карактеристика. Со учество во обредите, поединците и фамилиите ја изразуваат својата лојалност кон заедницата кон која припаѓаат, а од друга страна, на тој начин, заедницата ја манифестира својата хомогеност.

Во постојаната етнолошка поставка во Музејот на Македонија се претставени обредите поврзани со празниците Коледе, Бадник, Василица, Водици и Велигден, а од животниот циклус на човекот е претставена селската свадба.

За народните музички инструменти

Народните музички инструменти се неизоставен дел од културата на Македонците. Присутни се во животот на човекот од неговото раѓање, па сѐ до неговата смрт. Нема обред во кој активно учество не земале народните музички инструменти. Се употребувале при изведувањето на полските работи и седенките. Со еден збор, може да се каже дека народните музички инструменти биле дел од секојдневието.

Народните музички инструменти ги изработуваат мајстори-градители на музички инструменти, но и самите свирачи.

Во постојаната етнолошка поставка во Музејот на Македонија, народните музички инструменти се претставени со општо прифатената класификација на инструментите во четири групи и тоа: идиофони (колотарци и ѕвонци),  мембранофони (тапани, дајриња и тарабуки), кордофони (тамбури, примови и гусли) и аерофони (зурли, шупелки, кавали и гајди).

Народна архитектура

Изложбениот дел Народна архитектура во постојаната етнолошка поставка во НУ Музеј на Македонија-Скопје ја отсликува вековната градителска традиција на македонскиот народ. Во неа е претставен само дел од градителското и архитектонското народно богатство кое се акумулирало низ времето и својот врв го достигнало во традиционалните градби од 19. и почетокот на 20. век. Изложбениот дел Народна архитектура е составен од два сегмента. Првиот сегмент се состои од 12 макети на различни типови куќи од Македонија и тоа:

Вториот сегмент е составен од 4 соби-одаји и тоа:

Изложбениот дел Народна архитектура прави обид на еден интерактивен и сликовит начин да ја претстави генезата на развојот на македонската куќа. Почнувајќи од приземните куќи (земјанки, поземечки), градени од камен или од испреплетени дрвени прачки (плет), облепувани со смеса од кал и слама (лепеш) и покривани со ‘ржана слама или камени плочи, во кои огништето било поставено на средина од собата, а во горниот дел продолжувало во баџа низ која излегувал чадот, па преку просторно побогатите и структурно поразвиените куќи на еден или на два ката, градени од поголеми камени блокови во приземјето, кои давале цврста темелна основа, а катовите биле градени од лесна динамична дрвена скелетна конструкција наречена бондрук, која овозможувала градба во височина, па сѐдо пософистицираните куќи наречени чардаклии.